“Формирањето на овој Младински парламент е од огромна важност за сите млади луѓе кои, пред се, се залагаат за уривање на стереотипите и предрасудите и надминување на бариерите меѓу нив“ – рече градоначалникот Зоран Заев, во своето обраќање кон членовите на Младинскиот парламент.
Младинскиот парламент подржан од Коалиција на младински организации “СЕГА“, е составен од повеќе сегменти кои меѓу себе градат еден комплементарен однос, вклучувајќи ги младите од трите средни училишта, студентите од Универзитетот “Гоце Делчев“ во Струмица и студентите од ФОН, младите од Младинскиот Совет, како и претставници на партиските подмладоци од двете најголеми политички партии застапени во Советот на општина Струмица, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Секако мултукултурниот карактер на парламентот се согледува и преку застапеноста на младите од турската етничка заедница, како и претставници на Регионалната занаетчиска комора.Младите струмички парламентарци на првата седница потпишаа свечени изјави, едногласно го донесоа и првиот Деловник за работа, а на наредната седница ќе изберат претседател и други органи и тела на Младинскиот парламент. Финансиските средства со кои ќе располага Младинскиот парламент изнесуваат 4 милиони денари, планирани во буџетот на општина Струмица.