Хрватски директори на средни училишта во посета на Општина Струмица

Делегација на Здружението на директори на средните училишта од Хрватска денеска беа во посета на Средните општински училишта “Јане Сандански“ , “Димитар Влахов“ и “Никола Карев“ во Струмица, со цел да се разменат искуства од начинот на спроведување на образовниот процес.“Ова е возвратна посета на колегите од Хрватска. Минатата година делегација од нашето Здружение беше во посета на неколку средни училишта и ученички домови во Хрватска, која ни беше од големо значење. Имавме прилика да видиме какви се искуствата таму, имајќи во предвид дека станува збор за поголема земја, земја која што е поблиску со нејзината апликација за членство во ЕУ, како и приближувањето на нивниот образовен систем кон европскиот“ – изјави Вања Изова Велева, директор на СОУ “Јане Сандански“ Струмица.Според Велева, образовните системи на двете пријателски земји се многу слични. Особено сличности се забележуваат во правната, економската и трговската струка.

 

Делегацијата на Здружението на директори на средните училишта од Хрватска ги прими и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој се запозна со начинот на функционирање на образовниот систем во Хрватска.

Здружението на директори на средни училишта и ученички домови во Македонија е формирано во 2004 година. Во него членуваат околу 115 директори. Тоа е рамноправен партнер на Министерството за образование во донесување на одредени одлуки значајни за образованието.





 

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544