Почна првиот уписен рок во средните општински училишта

Во  средните општински училишта денеска почна првиот уписен рок за учебната 2013/2014 година. Во трите училишта во општина Струмица ќе можат да се запишат вкупно 1.216 ученици. Во средното општинско училиште „Јане Сандански“ за упис во прва година се обезбедени  376 места во 11 паралелки, од нив 238 се во гимназиското образование, а останатите 138 во стручното образование.

Во училиштето „Никола Карев“ во прва година ќе можат да се запишат вкупно 500 ученици распоредени во 15 паралелки и тоа во следните струки, во машинската 136, текстилно – кожарската 68, електротехничката 126, сообраќајната 68, шумарско – дрвопреработувачката 34, уметничката 34 и исто толку ученици во градежната струка. Во средното општинско училиште „Димитар Влахов“ ќе можат да се запишат вкупно 340 ученици распоредени во 10 паралелки и тоа 136 ученици во земјоделско – ветеринарната струка, 102 во хемиско – технолошката и 102 во здравствената струка.
Резултатите од првото  запишување кое се спроведува денеска и утре, ќе бидат објавени на 26 јуни.


© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544