Струмица и Хрватска ја продлабочуваат соработката – отворено дипломатско претставништво

Струмица и Хрватска имаат долго пријателство и успешна соработка кои претставуваат силен потенцијал за надоградување во наредниот период, ова е пораката од средбата на делегациите на Република Хрватска предводена од заменик министерот за надворешни работи и европски прашања, Јошко Клисовиќ и општина Струмица предводена од градоначалникот, Зоран Заев.

На средбата која се одржа во кабинетот на градоначалникот Заев, членовите   на делегациите разговараа на актуелни теми, за досегашната соработка и како таа понатаму да се проширува, а централна тема во разговорите беше отворањето на конзулатот на Република Хрватска во Струмица.
За градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, голема е честа што Хрватска,  отвори конзулат токму во Струмица.
-Ние имаме многу убава соработка со Република Хрватска, тука е нашето збратимување со Осијек, соработката со  карневалски групи од Риека, бројни учества во театарски претстави и филмски фестивали. Радосни сме што на две недели пред рамноправното членство на Република Хрватска во ЕУ, заменик министерот ја посети нашата Струмица, ни направија голема чест и секако сме среќни и ние,  бидејќи ќе имаме еден пријател повеќе во европското семејство кон кое и ние се стремиме. Исто така, оваа средба ја искористивме и на заменик министерот му ги претставивме сите наши предности како општина, како општество, нашето богато земјоделско производство, нашите потенцијали и сме среќни што целото министерство се понуди да ни помогне во делот на привлекување на странски инвестиции, но и во унапредувањето на економските соработки кои постојат меѓу нашите, струмички, македонски и хрватските фирми, така што пријателството само ќе го надоградуваме, а при тоа, тука на помош ќе го имаме конзулатот на Република Хрватска, кој од денеска  го краси  градското корзо во Струмица, рече градоначалникот Заев.
За Јошко Клисовиќ, заменик министер за надворешни работи и европски прашања во Владата на Република Хрватска, големиот потенцијал на Струмица е причината поради која тука е отворено дипломатското претставништво.
-Препознавме голем потенцијал за соработка помеѓу овој, струмичкиот крај и Република Хрватска и затоа го отворивме конзулатот тука. Покрај потенцијалот, тука има и добра волја. Колку што јас разбрав, тука невработеноста е помала во однос на другите краеви во Македонија, тука стопанството е се посилно. Хрватските стопанственици ги препознаа инвестициските можности на Струмица и доаѓаат во овој крај и ја поздравувам оваа соработка. Ние, во Република Хрватска сакаме максимално да развиваме добри односи со Република Македонија и со  сите нејзини делови и еве денеска, тука отворивме ново дипломатско претставништво за уште повеќе да ја поттикнеме соработката, рече Клисовиќ.


© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544