Вести - Мај 2013

По деветти пат „Астерфест “ во Струмица

Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, утревечер ќе го отвори деветтото издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Зад деветтото платно“, а свечениот чин на отворањето ќе почне во 19,30 часот во големата сала на Домот на АРМ во Струмица.

Во Струмица се одржа работилница за практикантство со менторирање

Денеска во просториите на домот на АРМ во Струмица се одржа работилница на тема „Учење преку работа – практикантство со менторирање“ и презентација на прирачникот „Зошто и како да организирате практикантство со менторирање“. Организатори на средбата беа Локалниот економско социјален совет на општина Струмица и Агенцијата за вработување на Република Македонија – центар Струмица.

Ново сезонско цвеќе по булеварите и парковите

Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ почна со обновување на цветните површини во градот. Досега се засадени четири илјади садници на сезонско цвеќе, а планирани се вкупно петнаесет илјади. Ново сезонско цвеќе ќе биде посадено на булеварите, во градските паркови, кружните текови и на малите зелени површини во градот. Со ова Струмица ќе добие ново цветно руво за претстојната летна сезона.


Изменет сообраќаен режим поради изградбата на Ободниот канал

Општина Струмица  продолжи со изградбата на „Ободниот канал“ на ул.„Климент Охридски“ (кај „Адинг градба“ од ул.„Ѓорги Василев до „Кључка 2“ кон с.Куклиш)  која е и транзитна улица во општината и на која има голема фрекфентност на возила. Токму поради ова, се пренасочува сообраќајот во соседните најблиски сообраќајници, а воедно се овозможува и  наизменичен непречен пристап на жителите од Градско Балдовци и терминалот „Траншпед“ за товарни возила и бензинската станица „Макпетрол“ односно по ул.„Ѓорги Василев“ и ул.„Маршал Тито“ кон Р 1401 делница од Регинален пат Струмица (врска А 4) – Раброво – Валандово – Балинци – Марвинци (врска А1) или Р 1402 Куклиш (врска со Р 1401 – Банско – Ново Коњарево (врска со А4) (Сл.весник на РМ бр.133/2011), или од спротивна насока пренасочување на сообраќајот на „Кључка 2“ (с.Куклиш), од погоре споменатите регионални патишта кон   ул.„Маршал Тито“.

Комуналец почна со големо пролетно чистење во градот

Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“  почна со големо пролетно чистење во кое се вклучени повеќе екипи. Денеска се исчисти дивата депонија на улицата „Антон Панов“ каде за собирање и фрлање на ѓубрето беше вклучена и механизација.  

Трајче Трајков од Просениково го освои првото место на државниот натпревар по македонски јазик

Трајче Трајков ученик во осмо одделение во општинското основно училиште „Герас Цунев“ од населеното место Просениково го освои првото место на 36-от  по ред државен натпревар по македонски јазик и литература што годинава се одржа во Битола. Првото место, Трајков го освои во категоријата на  основно образование во која се натпреваруваа ученици од деведесет основни училишта од целата држава.

Пожарникарите учествувале во шест интервенции

Територијалната професионална противпожарна единица во изминатите седум дена учествувала во вкупно шест интервенции. Со дваесет пожарникари и пет возила, оваа единица учествувала во гасењето на пожарот во Домот на културата во населеното место Куклиш. Исто така, пожарникарите интервенирале и во гаснење на запален отпаден материјал, опожарени електрични кабли и броило во градот и населеното место Дабиле. Пожарникарите учествувале и во транспорт на повредено лице од трим патеката кај Ловен дом.

Свечена академија во чест на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Општина Струмица им оддаде достојна почит на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Во Домот на Арм се одржа свечена академија во која учествуваа ученици од струмичките училишта, а присуствуваа претставници на локалната самоуправа, просветни работници, ученици и нивни родители. На академијата присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев, кој во својот говор на просветните работници им порача да го чуваат јазикот и писмото како наше најголемо богатство и достојно, како најскапоцен дар, да им го подарат на своите ученици.

Страница 1 од 4

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544