Општина Струмица сама ќе се справува со евентуалните поплави

Од денеска, општина Струмица сама ќе се заштитува и спасува од евентуалните поплави, така одлучи Општинскиот штаб за заштита и спасување откако утврди дека Дирекцијата за заштита и спасување  и Центарот за управување со кризи не преземаат целосни мерки за заштита од поплавите. На денешната прес конференција, командантот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Кирил Парталов, истакна дека по наредба на градоначалникот Зоран Заев, во функција е ставена целокупната механизација и преземени сe повеќе активности за заштита на критичните места од можни поплави.

Рано изутрина беше одржан координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување при општина Струмица заедно со Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, претставници од водостопанското претпријатие „Струмичко поле“, од полицијата и претставници од сите населени места кои што се најпогодени во поплавите. Од денеска, можам да истакнам дека општина Струмица, односно, Општинскиот штаб за заштита и спасување Струмица, целосно ги презема под контрола активностите кои што се случуваат на струмичкиот регион, од причини што увидовме дека активностите кои беа преземени од Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи не се доволни или нецелосни за да помогнат во справувањето со евентуалните поплави. Од тие причини по наредба на Градоначалникот беа преземени низа активности во кои што буквално беше вклучена целокупната механизација која што во моментот е на располагање на територијата на општина Струмица, а која што соодветно на условите кои што се на самиот терен каде што треба да се завршат овие активности, е можно да се вклучи и механизација. Од денеска е упатена дополнителна механизација од Општинскиот штаб за заштита и спасување од општина Струмица поради нецелосното активирање на овие две институции кои што ги спомнав. Морам да кажам дека овие активности кои што се случија претходните денови се превентивни, а никако и трајни активности кои што треба да дадат една голема сигурност на граѓаните. Сето тоа што беше  работено, беше превентивно и е нецелосно поради краткиот временски период со кој што бевме соочени и за тој временски рок ги презедовме сите активности кои можевме да ги преземеме, а соодветно на условите на теренот, бидејќи теренот на кој што се работи е погоден и од поплавите кои што се случија минатата недела, поради што, некаде беше невозможно да се прати механизација. Освен на неколкуте познати локации, дополнителна механизација е испратена и на реката Тркања за секој случај да бидеме подготвени да интервенираме и на оваа локација. Во сите населени места се испратени вреќи и песок, има определено и лица со дежурства кои во овие неколку денови ќе бидат одговорни за да комуницираат со Општинскиот штаб за заштита и спасување кој ќе функционира во зградата на општина Струмица со соодветни дежурства во наредните неколку денови, рече Кирил Парталов командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544