Министерството за култура не успеа да ги препознае вредностите на струмичкиот карневал и не го поддржува

Струмичкиот карневал, манифестација со вековна традиција и со најголем број учесници и посетители во Република Македонија, како да не постои за министерството за култура. Ова министерство ја одби пријавата на општина Струмица за проектот меѓународен струмички карневал 2015 доставена на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на музичка и музичко – сценска дејност за 2015 година. Нема конкретно образложение зошто се одбива пријавата на општина Струмица,

туку, дека се одбива согласно со дополнително направената уметничка, професионална и непристрасна селекција на стручната комисија за музичко – сценска дејност, согласно оценката на квалитетот на проектот изразен преку целите и ефектите на проектот и конципираноста на проектот во согласност со приоритетите во музичка и музичко – сценска дејност за 2015 година.Срамно и жално, истовремено. Светот ги виде, а министерството за култура нi успеа да ги препознае вистинските вредности на струмичкиот карневал. Ниту пак непристрасната комисија.


Да потсетиме:

Од 1994 година Струмица е член на меѓународната асосцијација на карневалските градови - FECC, со што карневалот доби интернационален карактер и се вброи во картата на светските карневали. Како резултат на посебниот однос кон карневалот и вековната традиција Струмичкиот карневал прерасна во културна манифестација со која Струмица е препознатлива не само во Република Македонија, туку и многу пошироко. Слободно може да се каже дека Струмичкиот карневал не само што е најквалитетна карневалска манифестација, истовремено е и манифестација со најголем број учесници и најголем број посетители во Република Македонија, најзастапена манифестација од Македонија на Интернет, препорачана во културното списание на Советот на Европа и во едно од специјализираните списанија на авиокомпанијата ВИЗЗЕР и не случајно двапати е прогласен за Супер бренд на Македонија. Уште две големи признанија карневалот доби во 2013 година од списанието Arabian travel news кое струмичкиот карневал го вброи меѓу 20-те топ улични карневали во светот, а министерството за економија на Република Македонија го прогласи за најдобра туристичка манифестација во Македонија.

Трендот на успеси продолжи и годинава. Најпознатата американска телевизија НБЦ својата репортажа за карневалите во светот ја наслови ,,Од Бразил до Македонија:Карневалите ги започнаа шареноликите празнувања“ почнувајки ја рeпортажата со карневалот во Рио за на крајот да заврши со струмичкиот карневал.

Уште еден голем успех годинава беше и одлуката на Генералното собрание на FECC, одбележувањето на роденденот на FECC да се одржи во Струмица во рамките на одбележувањето на 20 годишниот јубилеј од приемот на струмичкиот карневал во Светската карневалска асоцијација.

И сето ова за министерство за култура не е доволно финансиски да го поддржи струмичкиот карневал, но затоа пак дарежливо е и тоа со милионски суми за останатите манифестации од таков тип во државата.  


© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544