Општина Струмица ќе го решава проблемот со бездомните кучиња

Општина Струмица ќе го решава проблемот со бездомните кучиња, откако на вчерашната седница на Советот беше усвоена предлог – програмата. Оваа програма ќе се реализира согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.Општината е надлежна да врши собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња, доколку се затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти - прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање. Заловувањето на бездомните кучиња ќе се врши од страна на квалификувани лица на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.

Прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните. За контрола на популацијата на бездомните кучиња, општината, треба заловените бездомни кучиња привремено да ги смести во прифатилиште каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени. Бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а во случај на бездомни кучиња вратени во реонот на заловување и со други видливи средства за идентификација, на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање. Трошоците за заловување и третман на регистрираните и нерегистрираните кучиња се на товар на сопствениците на кучиња, а во случај на бездомни кучиња на товар на општината. Во случај на појава на заразна болест која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци односно да се спроведе убивање на бездомните кучиња со средства за хумана еутаназија.

Со Програмата за решавање на проблемот со бездомните кучиња на подрачјето на Општина Струмица се предвидуваат следните активности:

1. Заловување;

2. Кастрирање;

3. Дехелментизација– третирање против ехинококоза;

4. Вакцинација против беснило;

5. Трајно обележување микрочипување и видео обележување

6. Тест за Лаишманијоза(серопозитивните се еутанизираат);

7. Враќање на животните на местото каде биле заловени;

8. Еутаназија на позитивните на заразни болест, тешко болни, опасни

кучиња, животни кои биле агресивни или нападнале човек и не

можат да се ресоцијализираат и кои не го поминале тестот за

ресоцијализација;

9. Превентивна медицинска заштита;

10. Водење на регистар за сите заловени животни.

Спроведувањето Програмата за решавање на проблемот со бездомните кучиња на подрачјето на општина Струмица ќе се врши во соработка со здруженијата на граѓани од оваа област со избор по пат на јавен оглас на правно или физичко лице со соодветна лиценца согласно законските прописи.Финансирањето на оваа Програма ќе се реализира со средства од буџетот на општина Струмица за 2015 година.За спроведувањето на оваа Програма ќе се грижи Секторот за урбанизам и комунални работи, а инспекцискиот надзор ќе го врши Одделението за инспекциски работи од областа на урбанизмот, комуналните работи, заштита на животната средина, патниот сообраќај и локални патишта и улици.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544