За три дена доставени се околу 400 барања за проценка на штетите oд поплавите

Во изминатите три дена по поплавите доставени се околу 400 барања за проценка на штетите од страна на жителите на населените места Просениково, Сачево, Дабиле и Муртино. Во наредните денови членовите на општинската комисија ќе излезат на терен и  ќе ја започнат проценката на штетите од поплавите. Според Кирил Парталов, секретар на општина Струмица, во наредните денови, а доколку дозволат временските услови, ќе се работи и на санирање на коритата на реките и каналите кои извршија поплавување на овој терен.

Првичните работи кои  што ги прави општина Струмица по катастрофалните поплави се утврдување на проценката на штетите кои што ги имаат граѓаните.  За таа цел во саботата, неделата и понеделникот во самите населени места Просениково, Дабиле, Сачево и Муртино беа упатени општински службеници кои на лице место им помагаа на граѓаните за пријавување на штетите. До денеска имаме пристигнато околу 400 пријави од граѓаните од кои околу 20 пријави се за поплавување на домови. Тоа што денеска се работи е поврзано со санирање на коритата на реките кои што извршија поплавување на овој терен, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување се упатени неколку механизации за поправка на речното корито во Просениково, а исти такви механизации ќе се упатат во Муртино, Сачево и Дабиле. Со ова, а по најавите од хидрометеорлошкиот завод дека деновиве ќе има уште поголеми дождови, сакаме навремено да извршиме поправка на овие речни корита, се разбира, доколку временските услови дозволуваат да влезе тешка механизација. Вчера беше одржан заеднички состанок со претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување и „Струмичко поле“ и поради тоа се овие преземени активности кои треба да се случат денес или во наредните денови доколку овозможат временските услови. Речното корито е во исклучива надлежност на „Струмичко поле“ и тие се надлежни за негово одржување и санирање за да не дојде до ваквите појави. Ова во изминатиот период не беше направено и како резулат на тоа беа и поплавите пред две години, ние укажувавме на санација, укажуваа и граѓаните од овие населени места, меѓутоа тоа до денеска не се случи. Јас се надевам дека сега ќе почнат овие градежни работи за да се изврши оваа санација за да не дојде до повторно поплавување, рече Кирил Парталов, секретар на општина Струмица.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544