Ограничени законските надлежности на општинската комунална инспекција во поглед на недоследностите во одгледувањето на домашни животни

По бројните реакции на социјалните мрежи и електронските медиуми кои се однесуваат на изолирани случаи на појава на домашни животни кои слободно се движат во урбаното градско јадро, Општина Струмица согласно своите заложби за транспарентно работење, има обврска да даде објаснување за таквата појава и за надлежностите што ги има комуналната инспекција.Според важечката законска регулатива и Одлуката за комунален ред, одгледувањето на домашни животни во градежниот опфат на градот Струмица е забрането, а во населените места тоа е дозволено на начин кој е пропишан со посебни законски прописи.

Согласно одредбите од Законот за комунални дејности, надлежностите на овластениот Општински комунален инспектор, во такви случаи, се сведува на изрекување на прекршочна санкција во мандатна постапка. Притоа законски е исклучена можноста за одземање или отстранување на животните. Повеќегодишната пракса наведува на тоа, дека ефектот од примената на овие мерки е многу мал, односно, изрекувањето прекршочни санкции не овозможува трајно решавање на проблемот. Поради тоа, се наметнува потребата од измени на законската регулатива кои ќе го утврдат поширокиот пристап од страна на сите институции и чинители во општеството, за трајно решение на такви и слични проблеми.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544