Вести - Ноември 2019

Заврши буџетскиот форум на општина Струмица

Со одржувањето на петтата форумска сесија заврши Буџетскиот форум на општина Струмица 2019/2020 година. На оваа сесија беа избрани трите најприоритетни програми и проекти за следната буџетска година. Тони Милушев раководител на Одделението за локален економски развој информираше дека за најприоритетна е избрана Развојната програма ЈИБ - уредување на каналот на „Крушевска република“ со освоени 85 поени, а за најприоритетен е избран проектот за адаптација на улици и тротоари за достапност на лица со посебни потреби и поставување на рампи и звучна сигнализација.

Струмица е најотворена општина во Република Северна Македонија

Струмица е најотворена општина во Република Северна Македонија со 52% на исполнување на индикаторите на отвореност - пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност. Просечната оцена на локалната власт на Република Северна Македонија за исполнување на стандардите на отвореност изнесува 25%.
Ова го покажале резултатите од истражувањето спроведено од декември 2018 до крајот на март 2019 година од страна на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во соработка со партнерите од регионалната мрежа на НВО „ACTION SEE“ на локалната самоуправа во регионот на Западен Балкан.
Добрите практики на општина Струмица ги презентираше секретарот Александар Оџаков на регионалната конференција е – Општество: Отворени институции и отчетност, која што се одржа во Скопје.
 
viber image 2019 11 28 16 55 45
 

Градоначалникот Јаневски ги презентираше општинските инклузивни практики

Во домот на АРМ, денеска, беше промовиран проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“ финансиран од ЕУ, а кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, а во кој Струмица е партнерска општина. На промоцијата учествуваше градоначалникот Коста Јаневски кој ги презентираше добрите инклузивни практики на општина Струмица и рече дека искрено се надева дека општина Струмица не е само модел, туку добар модел за инклузивна општина. Поткрепа на ова се преземените ангажмани и активности во инклузивноста, и тоа не само во рамките на реализацијата на овој проект, туку и преку учество во други проекти и соработка со граѓанските организации, училиштата и други чинители.

Покана за петтата форумска сесија

Ве покануваме на петтата форумска сесија што ќе се одржи на ден 28.11.2019 четврток во 18.00 часот во ДОМ на АРМ (голема сала). Петтата буџетска форумска сесија е во реализација на Буџетски форум во Општина Струмица 2019/2020 година. Целта на форумите во заедницата е да се зголеми учеството на граѓаните во процесот на креирање и реализација на Буџетот на општината и зголемување на транспарентноста на општината.
Целата содржина на поканата може да се види на следниов линк.
Агендата за петтата форумска сесија може да ја видите на следниов линк.

Се промовираа резултатите од проектот „Повеќенаменски социјален центар во општина Струмица“

Денеска се одржа завршниот настан за промоција на постигнатите резултати од реализацијата на проектот „Повеќенаменски социјален центар во општина Струмица“, проект кој е од исклучително значење за сите ранливи категории на граѓани. Овој проект е реализиран со донаторска помош од Владата на Република Бугарија, преку Среднорочната програма за развој и хуманитарна помош (2016-2019), а вредноста на донацијата изнесува 138 илјади евра. Имплементатор на проектот е Општина Струмица преку Одделението за меѓународна соработка и европски фондови. Целта на овој проектот е создавање механизми за институционална соработка помеѓу Општина Струмица и граѓанскиот сектор од социјалната сфера, како и социјална инклузија на граѓаните од ранливата категорија. Тука спаѓаат организации кои опфаќаат лица со оштетен вид, со оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидизирани лица, лица со интелектуална попреченост, аутистични лица и со други видови пречки.

Одлука за избор на консултант

Врз основа на распишаниот Јавен повик за избор на консултант за изработка на Програма за развој на социјално претприемништво бр.23-304/1 од од 08.11.2019 година и Записникот од Комисијата за спроведување на јавниот повик бр.23-304/4 од 18.11.2019 година, Градоначалникот на Општина Струмица донесе Одлука за избор на најсоодветен кандидат - консултант за изработка на истата. Целосната содржина на одлуката може да ја видите на следниов линк.
 

Струмица како културно историска туристичка дестинација

Здружението за култура и развој на креативни индустрии Култ-Транзен во рамките на проектот „Струмица како културно историска туристичка дестинација“, финансиран од Европската Унија во рамките на Регионалната програма за локална демократија (ReloAD), спроведувана од страна на програмата за развој на обединетите нации направи web платформа www.discoverstrumicacity.mk каде се претставени културно - историските споменици на општина Струмица. Платформата има за цел да го промовира туристичкиот потенцијал на општина Струмица.

Струмица доби Парк за миленици

Од денеска големиот градски парк е збогатен и со катче за миленици во кое се поставени повеќе реквизити и каде што сопствениците ќе можат да поминуваат пријатни мигови со своите домашни миленичиња. Паркот за милениците е дело на ЕВН во рамките на проектот „ЕВН волонтира“ и успешната соработка што општина Струмица ја има со оваа компанија. Меѓу волонтерите на ЕВН денеска беше и градоначалникот Коста Јаневски кој рече дека паркот надополнува уште едно парче во мозаикот кој што ја прави Струмица урбана и уредена Општина.

Страница 1 од 3

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544