Буџетот на општина Струмица во првиот квартал има реализација од 21,40 проценти

Советот на општина Струмица, денеска, ја одржа 23-та седница на која што беа усвоени повеќе предлог одлуки, извештаи и програми. Посебно сакам да ја нагласам точката за кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за првиот квартал од 2019 година, кој од сите советници беше оценет како позитивен бидејќи имаме 21,40 проценти од извршувањето во првиот квартал. Ова значи дека според планираната динамика се полни буџетот на општина Струмица и треба да бидеме задоволни бидејќи знаеме дека секогаш првиот е најслаб квартал и споредбено со другите години, оваа година имаме одличен процент и ако продолжи така со оваа динамика, извршувањето на буџетот може да достигне и сто проценти до крајот на годината.

Се дискутираше и по точките за работата на Јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“ и „Струмица гас“ за првите три месеци од оваа година. Имаше и конструктивни дискусии и од советниците на ВМРО ДПМНЕ кои укажуваа на некои аномалии, меѓутоа имаше и пофални зборови за одредени делови од извештајот. Денеска, како претседател на Советот можам да кажам дека сум задоволен од дискусиите на двете советнички групи кои покажаа како се сака градот и како се сакаат граѓаните на општина Струмица, бидејќи тие и се избрани од граѓаните на општина Струмица и сме сервис на граѓаните и се надевам дека и понатаму, на другите седници на Советот, ќе бидеме конструктивни, добронамерни и со предлог идеи од кои градоначалникот Коста Јаневски ќе извлече некои интересни укажувања, иако од советниците од ВМРО ДПМНЕ беше истакнато дека кварталниот извештај на општина Струмица во овој период има одличен процент и имаше пофални зборови за работата на Градоначалникот и за приходите кои што досега се остварени и се надевам дека ќе се продолжи со исто темпо, рече Марјан Даскаловски, претседател на Советот на општина Струмица. На денешната седница беа усвоени и Стратегијата за енергетска  ефикасност на општина Струмица  (2019-2023 година) и Стратегијата за женско претприемништво на општина Струмица  со Акциски план (2019-2024 година), како и одлуката за обезбедување средства за одржување на Агрометеоролошки станици во рамките на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“. Општина Струмица и денеска ја потврди својата хуманост и солидарност. Советниците донесоа одлука за доделување парична помош на Томе Јанев и Жаклина Џорлева од Струмица и Ице Панов од Дабиле.

© 2005-2019 Општина Струмица, ул."Сандо Масев" бр.1, 2400 Струмица, Република Македонија, тел.00389(0)34 348030, факс.(034)320544